1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНДП: Македонија заостанува економски и општествено

ДТЗ
7 ноември 2022

Земјата има висока смртност од Ковид-19, загаденоста на воздухот е хроничен проблем, а има слаби резултати и во образованието и медиумската писменост - покажува извештајот на ОН за човековиот развој

https://p.dw.com/p/4JA0B
Скопје Северна Македонија
Северна Македонија каска зад земјите во регионот во однос на медиумската писменост и ПИСА тестовитеФотографија: DW

Северна Македонија каска зад земјите во регионот во однос на медиумската писменост и ПИСА тестовите. Индексот за човековиот развој во 2021 година глобално почнува да опаѓа, па половина од земјите во регионот на Југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со низок човеков развој. Македонија е на дното на втората група, зад Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, а во првата група се Словенија, Грција, Хрватска, Црна Гора и Србија.

„Економската криза предизвикана од пандемијата, но и руската агресија врз Украина доведе до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот. Ние сме високо рангирани во однос на смртноста од Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој“, укажа претседателот Стево Пендаровски, кој беше домаќин на презентацијата на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) - „Неизвесни времиња, несигурни животи, обликување на нашата иднина во светот што се менува“. 

Закани и опасности 

Иако Северна Македонија имала мало подобрување минатата година, општата перцепција на корупцијата придонесува кон слабото владеење во државата и можноста за демократско назадување. Според претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), Марко Трошановски, ако се гледа од перспектива на Југоисточна Европа, Северна Македонија навидум каска зад земјите од регионот, иако статистичките разлики не се многу големи.

Северна Македонија ги има меѓу најлошите резултати во регионот во тестовите ПИСА на ОЕЦД во 2018 година, заедно со најнискиот резултат за индексот на медиумска писменост, од сите земји во Европа. Земјата има многу слаб одбранбен систем против демократски закани и опасности со популација која е општо земено, недоволно информирана да ги препознае самите извори на тие закани и опасности. 

Стево Пендаровски Северна Македонија
Според Пендаровски, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандардФотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Според Пендаровски, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард. „Голем дел од причините за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас – климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот. Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори“, рече претседателот.

Тој напомена дека сведочиме на долга децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентелизмот и сивата економија, што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите. Безмалку, како што рече, секоја власт од независноста до денес, наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа. 

„Индексот на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој. За да ја постигнеме целта на повисоко ниво на човековиот развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи – прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија и трето политичка волја да ги направиме неопходните промени“, смета претседателот. 

Знаеме ли да ги читаме вестите: Што се крие зад насловите?